Топлотните бранови воопшто не се забавни. Екстремната жештина и влажност може да бидат крајно непријатни и да претставуваат сериозни здравствени ризици, особено за доенчињата, децата, бремените жени и постарите лица. Ако не се преземат соодветни мерки на претпазливост, екстремната горештина може да доведе до топлотен удар, па дури и до смрт. Како резултат на климатските промени, топлотните бранови стануваат подолги, почести и посилни.
Еве неколку стручни совети за тоа како вашето семејство да остане безбедно при топлотен бран, како да препознаете знаци на топлотен удар и какви активности да преземете ако е потребно.
Факти за топлотниот бран
Што е топлотен бран?
Топлотните бранови настануваат кога температурата е повисока од нормалната неколку дена по ред. Влажноста прави тие да се чинат многу пожешки.
Што го предизвикува топлотниот бран?
Топлотните бранови се резултат на топол воздух „заробен“ во атмосферата и претставуваат природна климатска појава. Тие растат по интензитет и зачестеност поради климатските промени, како резултат на емисиите на стакленички гасови, при што топлината се задржува подолго.
Кој е најзагрозен од топлотните бранови?
Премногу топлина е опасно по здравјето на сите. Доенчињата, децата, бремените жени и постарите лица се особено ранливи на топлотен удар.
Преголемата топлина е поопасна за бебињата и децата отколку за возрасните, а дехидрацијата кај децата може да биде опасна, па дури и смртоносна. Децата потешко ја регулираат телесната температура од возрасните, па затоа возрасните се тука да ги заштитат.
И бремените жени се изложени на поголем ризик. Премногу топлина и дехидрација носи поголем ризик од ниска родилна тежина, предвремено породување, па дури и мртвороденче. Самите бремени жени може да бидат негативно погодени и да добијат предвремени трудови, како и да развијат гестациски дијабетес и хипертензија.
Што да правите при топлотен бран
Бидете подготвени
Информирајте се за топлината и влажноста во тековниот ден, тековната недела и месец за да си ги планирате активностите надвор.
Дома чувајте прибор за прва помош што содржи пакетчиња со сол за орална рехидратација (ORS), термометар, шишиња со вода, пешкири или крпи што може да се натопат за разладување, рачен вентилатор или навлажнувач на воздух со батерии и список за откривање и третман на симптомите на топлотен удар.
Информирајте се за тоа како да побарате помош. Запишете информации за контакт на најблискиот давател на здравствена заштита или брза помош/транспорт.
Ладете го домот
Кога е можно, навлечете ги завесите во најжешките делови од денот и отворете ги прозорците навечер за да ја разладите куќата.
Користете вентилатори и клима-уреди ако се достапни.
Држете се подалеку од горешината
Ако може, не излегувајте надвор во најжешките периоди. Активностите организирајте си ги порано или подоцна во денот, кога е посвежо.
Кога сте надвор, носете крема за сончање и останете под сенка или користете капи и чадори за заштита.
Разладувајте се и хидрирајте се
Пијте вода во редовни интервали пред да ожедните.
Премногу облека кога е жешко може побргу да ве дехидрира и да ве прегрее, па затоа носете лесна и широка облека. Памукот е идеален во жешките денови оти ги намалува топлотните осипи и ја апсорбира потта. Исто така, се препорачува памучна постелнина, а не материјали што не „дишат“.
Носете шише со вода и мала крпа, за да се хидрирате и да се ладите ставајќи влажна крпа на вратот.






