Во јули годинава е измерен трет најтопол јули на Земјата откако постојат мерења, а во Турција е забележан апсолутен температурен рекорд од 50,5 степени Целзиусови, соопштија европските климатски служби.
Минатиот месец продолжи да го следи трендот на екстремни климатски услови, што научниците го поврзуваат со глобалното затоплување предизвикано од човечка активност. Иако во јули не беа соборени нови глобални температурни рекорди, предупредувањата не стивнуваат.
Според податоците на Службата за климатски промени „Коперникус“ (C3S), просечната глобална температура на површината на Земјата во јули била за 0,45 степени Целзиусови повисока од просекот за истиот месец во периодот 1991–2020 година.
„Две години по најтоплиот јули досега, низата на глобални температурни рекорди е прекината – барем засега. Но тоа не значи дека климатските промени престанаа. И понатаму ги чувствуваме последиците од затоплувањето на планетата преку настани како екстремни горештини и разорни поплави“, изјави директорот на C3S, Карло Бонтемпо.
Иако јули 2025 не ја достигна жештината од рекордниот јули 2023, ниту од второпласираниот јули 2024, сепак просечната температура на Земјината површина минатиот месец била 1,25 степени повисока од прединдустрискиот период (1850–1900).
Дополнително, 12-месечниот период од август 2024 до јули 2025 година е за 1,53 степени потопол во споредба со прединдустрискиот период, надминувајќи ја клучната граница од 1,5 степени поставена со Парискиот климатски договор, чија цел е ограничување на глобалното затоплување. Спогодбата стапи во сила во 2016 година.
Главната причина за климатските промени, како што постојано укажуваат експертите, е испуштањето на стакленички гасови, предизвикано од согорување на фосилни горива.
Минатата година беше прогласена за најтоплата година забележана на планетата досега.







