Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со жестоки несогласувања во највисоките редови на безбедносниот естаблишмент, откако предложи целосно заземање на преостанатите области од Појасот Газа кои не се под израелска контрола. Началникот на Генералштабот Ејал Замир остро се спротивставил на идејата на тричасовна затворена средба, предупредувајќи дека таквиот потег може да доведе до воен и хуманитарен колапс, јавува Reuters повикувајќи се на тројца израелски функционери.
Замир изразил загриженост дека целосното влегување на копнените сили би можело да ја зароби израелската армија во Газа – територија која ја напушти во 2005 година – и би ги ставило во сериозна опасност преостанатите заложници што се уште се држат од Хамас. Премиерот, според истите извори, возвратил дека армијата досега не успеала да ги ослободи заложниците и побарал поагресивен пристап.
По речиси две години жестока војна, Израел тврди дека контролира околу 75% од Газа. Воениот конфликт започна во октомври 2023 година по нападот на Хамас врз израелска територија. Од тогаш, голем дел од Газа е уништен – населението е раселено по неколку пати, а инфраструктурата е речиси целосно разрушена. Хуманитарните организации предупредуваат на масовна глад и зарази, а ОН ги опишаа како „длабоко вознемирувачки“ извештаите за можно ново проширување на офанзивата.
Министерот за одбрана Исраел Кац истакна дека армијата има право да изрази свое мислење, но подвлече дека ќе ги спроведе одлуките на владата сè додека не се исполнат дефинираните воени цели. Кабинетот на премиерот потврди дека средбата се одржала, но одби да коментира детали.
Додека Нетанјаху се залага за ескалација, јавноста сè повеќе се изјаснува за дипломатско решение. Последните анкети во Израел покажуваат растечка поддршка за прекин на огнот кој би довел до ослободување на заложниците и намалување на хуманитарната катастрофа.
Во меѓувреме, војската продолжува со интензивни воздушни напади. Само во последните 24 часа, според Министерството за здравство во Газа, загинале најмалку 135 луѓе. Вкупниот број на жртви од почетокот на конфликтот надминува 61.000, претежно цивили.
Ситуацијата на теренот е критична. Речиси 200 Палестинци, од кои половина деца, починале од глад од почетокот на војната. Хуманитарниот конвој кој носел храна бил опколен од очајни луѓе – камионот се превртел, а повеќе од 20 лица загинале. Светот сè погласно бара примирје, но преговорите во Катар минатиот месец пропаднаа.
Хамас инсистира дека секој договор мора да значи траен прекин на војната, додека израелската влада не покажува подготвеност за отстапка – што ја продлабочува поделеноста меѓу политичкиот и воениот врв и ја става иднината на регионот под уште поголем ризик.







