Трамп најави можно воведување санкции против Русија доколку не се постигне прекин на огнот во Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека специјалниот претставник Стив Виткоф би можел да ја посети Русија во текот на неделава, најверојатно во среда или четврток, а предупреди и на можноста за нов бран санкции доколку Москва не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок.
„Ќе има санкции, но тие се доста вешти во нивното избегнување“, рече Трамп пред новинарите додека се подготвуваше да се качи на претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, по напуштањето на својот голф клуб во Њу Џерси. „Тие се паметни, знаат како да го заобиколат тоа. Ќе видиме што ќе се случи“, додаде тој.
Трамп, исто така, најави можност американските граѓани да добијат некаква форма на финансиска компензација, како дивиденда или друг вид на исплата, како резултат на царините што ги воведува САД кон своите трговски партнери.
„Можно е да има распределба или дивиденда за луѓето во нашата земја. Би рекол дека тоа се однесува на граѓаните со ниски и средни приходи – можеме да им дадеме некаков вид на дивиденда“, изјави Трамп.






