Во секоја војна за слобода што го означила напредокот на еманципацијата во југоисточна Европа, Македонците учествувале. Македонците се бореле рамо до рамо со Грците за време на долгата и горчлива борба за грчка независност. Кога Србите се побуниле, Македонците се роеле низ планинските превои за да помогнат; кога избувнала бугарската буна, Македонците брзале да застанат рамо до рамо за да се борат и, доколку е потребно, да умрат со луѓе од туѓа раса што немаат ништо заедничко со нив, освен омраза кон турскиот јарем. Со секој бунт во европска Турција во последните три века, Македонците сочувствувале, пишува австралискиот весник „Ворлд’с њуз“ од Сиднеј, на 24 октомври 1903 година, два месеца по Илинденското востание во Македонија, во текстот насловен „Македонија: Нејзината славна воена историја“.
Известувајќи за состојбите во Македонија, по задушувањето на востанието, тогашниот австралиски весник, јасно прави дистинкција меѓу Македонците од Грците, Србите, Бугарите, па и Ерменците. Без никаква дилема, нарекувајќи ги Македонци тие што го кренале Илинденското востание, медиумот од Сиднеј, во 1903 година проценува дека сите други соседни народи всушност им се должници на Македонците.
„Грците, Србите, Бугарите, па дури и Ерменците се нивни должници, но самите Македонци (вели еден американски писател), иако им помагале на другите да се ослободат, сè уште се под власта на ‘дива сила која речиси 1.000 години ги уништувала најубавите делови’ на два континента.






