Стивен Милер, еден од најблиските и највлијателни советници на американскиот претседател Доналд Трамп, ја обвини Индија дека со купување руска нафта директно го финансира војната што Русија ја води во Украина.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека е неприфатливо Индија да продолжи да го финансира овој конфликт преку купување нафта од Русија,“ изјави Милер во гостување на „Fox News Sunday Morning Futures“. Според него, Индија е речиси изедначена со Кина по количината на купена руска нафта – податок што го нарече „шокантен“.
Ова се досега најостри критики од страна на администрацијата на Трамп кон Индија – еден од клучните сојузници на Вашингтон во Индопацифичкиот регион.
И покрај американските предупредувања, индиски владини извори за „Ројтерс“ изјавиле дека Њу Делхи нема намера да прекине со купување руска нафта. Како одговор, САД во петокот воведоа царина од 25% на индиски производи, поради зголемената трговија на Индија со Русија, вклучително и купување воена опрема и енергенси.
Трамп дополнително најави можни царини од 100% за земјите кои ќе продолжат да купуваат руска нафта, освен ако Москва не постигне мировен договор со Украина.






