Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека поради провокативните изјави на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев наредил испраќање две нуклеарни подморници „во соодветни региони“. Трамп преку својата мрежа TruthSocial истакна дека ова го направил во случај изјавите на Медведев да не се само реторика, туку реална закана.
Од Русија веднаш стигна реакција преку Виктор Водолацки, заменик-претседател на Комисијата на Државната Дума за работи на ЗНД, кој нагласи дека руските нуклеарни подморници бројно и технолошки ги надминуваат американските, и дека Москва нема потреба од посебен одговор на Трамповите најави. Водолацки исто така рече дека Трамп често ја менува својата позиција и дека неговите изјави не се секогаш конзистентни.
Напнатоста меѓу Трамп и Медведев се зголеми откако Трамп најави воведување царини од 25% на индискиот извоз во САД, обвинувајќи ја Индија за блиски врски со Русија и високи царини за американските производи. Медведев возврати со потсмев и индиректна нуклеарна закана, алудирајќи на „мртвата рака“ — систем за автоматски нуклеарен одговор на Русија.
Дмитриј Медведев, кој беше претседател на Русија од 2008 до 2012 година, а сега е заменик-претседател на Советот за безбедност, е познат како тврдокорен критичар на Западот и еден од главните гласноговорници на цврстиот курс на Москва во конфликтот со Украина.







