Додека многумина ги користат летните денови за одмор и бегство од жештините, пожарникарот Васе Вачов одлучи поинаку – одморот го замени со битка против огнената стихија.
Иако формално е на одмор до 3 август, Вачов доброволно се приклучи на тимовите кои се борат со пожарите низ државата. Во моментов е во Подареш – едно од најпогодените места – каде што со колегите работи на гаснење на голем пожар кој се заканува на населението и имотите.
„Иако сум на одмор, срцето не знае за календари и распоред. Не можам да стојам настрана кога мака ги гуши луѓе. Помошта не е обврска, таа е чест, таа е љубов. Останувам овде, со рака на срце и отворена душа“, напиша Вачов на социјалните мрежи.
Неговата посветеност и хуманост предизвикаа бројни позитивни реакции и поддршка. Во време кога државата се соочува со сериозна опасност од пожари, токму ваквите херои потсетуваат дека солидарноста, честта и љубовта кон татковината не се само зборови – туку дела.







