На тешко пристапен терен во општина Македонски Брод, утрово шумочуварските служби пронајдоа купчиња сено подготвени за палење, токму на локации каде што изминативе денови пожарникарите и надлежните институции водеа жестока борба со шумски пожари.
Информацијата ја потврди Кире Михаилов, заменик директор на ЈП „Македонски шуми“, кој случајот го нарече „невидено злосторство против природата и заедницата“.
„Ако некој се прашува зошто пожарите не можеме брзо и лесно да ги ставиме под контрола, ова е еден од одговорите. Неверојатно, но некој намерно поставува нови жаришта. Тоа не е само криминал, туку и директна закана за човечки животи, шуми, животни и имот“, изјави Михаилов.
Шумочуварите индицираат дека се работи за намерно подметнување пожари, бидејќи сеното било стратешки поставено на локации со суви тревни површини и без пристап за возила.






