Британскиот премиер Кир Стармер најави дека Велика Британија е подготвена официјално да ја признае Палестина како независна држава, доколку Израел не ги исполни условите за прекин на огнот и подобрување на хуманитарната состојба во Појасот Газа до септември.
Стармер изјави дека моментот за признавање на палестинската државност е дојден, токму сега кога надежта за решение со две држави — безбеден Израел покрај одржлива палестинска држава — е сериозно загрозена.
Како што пренесува „Sky News“, Лондон му дава рок на Израел до почетокот на Генералното собрание на Обединетите нации, кое се одржува на 9 септември, да покаже подготвеност за политичко решение преку:
итен прекин на огнот, овозможување непречен влез на хуманитарна помош во Газа, и конкретни чекори кон воспоставување на две држави.
Британскиот премиер посочи дека овој ултиматум е дел од поширок план, составен од осум точки, кој бил усогласен со Франција и Германија. Целта, вели тој, е да се изврши притисок врз Тел Авив да ја промени својата досегашна политика и да се создадат услови за траен мир на Блискиот Исток.
Оваа најава на Стармер доаѓа во момент на жестоки меѓународни критики кон израелската воена операција во Газа и зголемена поддршка за палестинската кауза во повеќе европски и глобални центри на моќ.







