Крајот на летувањето за група српски туристи се претворил во вистински кошмар при излез од Грција на граничниот премин Евзони, каде едно од лицата добило казна од 1.200 евра поради недостиг на влезен печат во пасошот.
Како што сведочат самите патници, на 21 јули 2025 година тие патувале од Србија кон Грција преку Бугарија, влегувајќи на граничниот премин Калотина. Меѓутоа, на два од шесте пасоши не бил удрен влезен печат од бугарската гранична служба, што подоцна предизвикало сериозни проблеми на излез од Грција.
„На граничниот премин Евзони, грчката гранична полиција не’ издвои и ни кажа дека во два пасоши нема печат, ниту податок во системот дека тие лица влегле во ЕУ. Се обидовме да објасниме дека патуваме заедно, и дека едниот пасош е на малолетно дете, но не наидовме на разбирање“, се вели во сведоштвото објавено во групата „Грција Инфо“.
Како последица, грчките власти изрекоа парична казна од 1.200 евра за едно полнолетно лице, со предупредување дека доколку казната не биде платена, ќе следи забрана за влез во земјите од ЕУ во траење од четири години.
Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, при што граѓаните предупредуваат на внимателна проверка на пасошите при секое преминување на границите, особено на влез во Европската Унија.







