Американскиот сенатор Линдзи Греам изјави дека Израел треба целосно да ја преземе контролата врз Појасот Газа, оценувајќи дека нема безбеден начин да се заврши војната додека Хамас е активен. Во изјава за „NBC News“ во емисијата Meet the Press, Греам порача дека нема иднина за палестинскиот народ сè додека Хамас постои.
„Претседателот Трамп дојде до заклучок, а и јас дојдов до истото – дека не може да се преговара со Хамас. Израел ќе мора да направи во Газа тоа што САД го направија во Токио и Берлин по Втората светска војна: да го преземе регионот со сила и да почне одново“, рече сенаторот од Јужна Каролина.
Тој додаде дека можеби во иднина арапските држави би можеле да преземат контрола врз Западниот Брег и Газа, но во моментов, според него, Израел нема друга опција освен целосна воена интервенција.
Изјавата на Греам доаѓа во време на засилени повици од меѓународната заедница за зголемување на хуманитарната помош во Газа. Во последната недела се случија инциденти со пукање кај пунктови за дистрибуција, а Министерството за здравство во Газа – кое е под контрола на Хамас – тврди дека повеќе од 100 лица починале од глад. Израел ги оспорува бројките и не дозволува независни потврди.
Израел најави дека од петок ќе продолжи со воздушно доставување на помош, додека за утре е најавена „хуманитарна пауза“ во цивилните зони и коридори. Армиското соопштение на Цахал (ИДФ) вели дека ќе се овозможи влез на поголеми конвои и дека Обединетите нации ќе имаат дозвола да дистрибуираат „големи количини на помош“.






