Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека претседателот Доналд Трамп станува сè понетрпелив поради одолговлекувањето на Русија во однос на завршувањето на војната во Украина.
„Иако има добри телефонски контакти со рускиот претседател Владимир Путин, од тие разговори нема вистински резултати. Доаѓа време за конкретна акција и претседателот тоа јасно го стави до знаење“, изјави Рубио за Фокс Њуз.
Рубио нагласи дека ова не е конфликт кој го започнал Трамп, но оти тој прави сè што е можно за да го заврши.
Според него, од почетокот на годината загинале над 100.000 руски војници, а Кремљ користи тактика на одолговлекување.
Тој ја обвини Кина дека игра клучна улога во одржувањето на конфликтот, особено преку купување на руска нафта, со што индиректно ја финансира руската воена машинерија.
Рубио истакна дека земји како Кина, Русија и Северна Кореја станале повнимателни во поддршката на Иран поради решителните американски воени акции.
„Претседателот Трамп ги потсети светските сили на воената супериорност на Америка“, рече Рубио.






