Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, денеска поднесе оставка од функцијата. Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието, оставката е доставена до претседателот на Парламентот, Африм Гаши, кој ќе постапи согласно законските процедури.
Оставката доаѓа два дена откако партијата Левица поднесе иницијатива за нејзино разрешување до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Против Димитровска веќе е поднесен обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Таа се товари дека во периодот од мај до декември 2024 година на неповикано лице, обвинето во предметот „Адитив“, му оддала податоци што се сметаат за службена тајна. Покрај тоа, обвинителството наведува дека Димитровска незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.
Случајот предизвика голема јавна и политичка реакција, а Антикорупциската комисија останува без раководство во момент кога борбата против корупцијата се смета за клучна на патот кон ЕУ.






