Собранието со 84 гласа „за“ го усвои Законот за издавање вредносни ваучери, со кој 55.000 студенти ќе добијат по 250 евра (15.300 денари) за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. За оваа мерка, која стапува на сила од учебната 2025/2026 година, од државниот Буџет се издвоени 850 милиони денари.
Право на ваучер ќе имаат сите студенти запишани на додипломски студии кои до септември 2025 година не наполниле 29 години.
Пратеникот Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ, како овластен предлагач, рече дека е горд што со оваа мерка Владата го исполнува ветувањето кон младите. Според него, законот е доказ дека младите се во фокусот на актуелната власт.
– Денес сум горд што како млад пратеник можам да кажам дека студентите конечно ќе добијат директна поддршка за полесно студирање. Ова е важен чекор кон дигитална еднаквост – рече Попов.
Од СДСМ, пратеничката Даниела Николова ја поздрави мерката, но ја критикуваше Владата што дури сега се одлучила за конкретна поддршка на младите.
– Ова е прва мерка во цела година што се однесува на студентите. Ако навистина се размислуваше за младите, ќе имавме вакви мерки уште од почетокот на мандатот – истакна Николова.
Пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ информираше дека оваа мерка има повеќе цели – поддршка на дигиталната писменост, еднаков пристап до технологија и зајакнување на технолошките вештини кај младите.
Покрај овој закон, Собранието во рамки на 60-та и 62-та седница ги донесе и измените на законите за стоковни резерви, за тутун и сродни производи, за технолошко-индустриски развојни зони, како и новиот Закон за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво.







