Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против тројца лица од Крива Паланка поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Пријавени се К.П. (59), службеник во општина Крива Паланка, М.К. (41), раководител на Одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина, и С.М. (38), актуелен градоначалник на општината.
Според истрагата, К.П. изготвил решение за промена на инвеститор спротивно на Законот за градење и надвор од рокот на важност на одобрението за градба. Иако дозволата била веќе неважечка, тој издал решение со кое се овозможува продолжување на градба.
М.К., како раководител на надлежното одделение, не извршила надзор и контрола врз издаденото решение и со свој потпис го потврдила како важечко. Со тоа, инвеститорот Г.С. добил можност незаконски да ја продолжи изградбата на објект – куќа со деловен простор – без да има валидна дозвола.
Сомневањата за кривично дело ги опфаќаат и дејствијата на градоначалникот С.М., кој, според пријавата, не извршил должен надзор, но со свој потпис или факсимил и печат на општината го овластил решението, со што незаконскиот акт добил официјален карактер.
Истрагата е во тек, а обвинетите се соочуваат со тешки обвинувања за прекршување на законските процедури и овозможување незаконска градба.







