Улицата „Широка“ во Битола ќе остане затворена за сообраќај до 31 јули 2025 година, информираат од градежната компанија ГД Гранит АД Скопје. Причината за продолжувањето на затворањето е реализацијата на обемниот инфраструктурен проект на Општина Битола – реконструкција и доградба на улицата „8-ми Септември“.
Проектот опфаќа реконструкција на коловоз во должина од 840 метри, изградба на атмосферска канализација, реконструкција и дислокација на мешовита канализација на 732 метри, поставување на нови куќни приклучоци на мешовита канализација во должина од 87,87 метри, реконструкција и изградба на водоводна мрежа, како и поставување на ново улично осветлување.
Затворањето на улицата „Широка“ се спроведува согласно фазите 7 и 8 од Временото сообраќајно решение, дел од дополнувањето на Основниот сообраќаен проект за улицата „8-ми Септември“. Од Општина Битола истакнуваат дека продолжувањето на затворањето е неопходно за безбедно и непречено извршување на градежните активности, особено подготовките за асфалтирање.
Сите учесници во сообраќајот се повикуваат да се придржуваат кон поставената привремена сообраќајна сигнализација.






