Синот на поранешниот претседател Џо Бајден, Хантер Бајден, изјави дека катастрофалниот настап на неговиот татко на дебатата со Доналд Трамп бил последица од земање на лекот Амбиен, кој му бил даден за да може да спие по исцрпувачките патувања.
„Ќе ви кажам што точно се случи таа вечер. Тој леташе низ целиот свет, прелета километража со која може трипати да го обиколи светот. Има 81 година. Беше изморен“, изјави Хантер Бајден во интервју објавено во понеделникот со Јутјуб авторот Ендру Калаган.
„Му дадоа Амбиен за да заспие. Излезе на сцената и изгледаше како елен заслепен од фарови“, додаде тој.
Амбиен е лек што се користи за краткорочно лекување на несоница. Кабинетот на Џо Бајден не даде официјален коментар на овие наводи.
Инаку, поранешниот претседател неколку дена пред дебатата се подготвуваше во Кемп Дејвид со своите советници. Пред тоа, во ист месец, тој двапати патуваше во Европа и беше на западниот брег на САД за собири за политичко финансирање.
Настапот на Бајден во дебатата со тогашниот републикански кандидат Доналд Трамп, на која често имаше тешкотии да ги доврши своите мисли, предизвика силни реакции и доведе до сериозни сомнежи за неговата способност да ја продолжи кампањата.
Помалку од еден месец по дебатата одржана на 27 јуни 2024 година, Бајден се повлече од трката за втор претседателски мандат, откако анкетите покажаа значително водство на Трамп. На негово место, Демократската партија ја кандидираше Камала Харис, која на крајот беше поразена од Трамп на изборите во ноември.
Во деновите по дебатата, Бајден вината за својот настап ја препиша на лекот што го земал, како и на заморот од надворешните патувања. Во понеделничкото интервју, Хантер Бајден исто така ја изрази својата фрустрација од демократските стратези, законодавци и поддржувачи кои веднаш се откажаа од кандидатурата на неговиот татко по дебатата.







