Времето денес ќе биде претежно сончево и исклучително топло, со слаб до умерен ветер, а во западните предели повремено ќе дува засилен југозападен ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Максималните температури ќе се движат од 35 до 42 степени Целзиусови.
Ваквото време ќе се задржи сè до сабота (26 јули), со сончеви периоди и мала до умерена локална облачност. Дневните температури на места ќе ја надминат границата од 40 степени, а низ целата земја ќе бидат надпросечни за овој дел од јули.
Во недела се очекува промена на времето — нестабилност проследена со локални поројни дождови и грмежи, а дневната температура ќе започне да опаѓа.






