Од денеска, сите туристи што ќе пристигнуваат со крузери во Грција ќе мора да платат нова пристанишна такса, која важи за сите патници што со крстарење влегуваат во земјата. Мерката, изгласана минатата година, стапи во сила на 21 јули и предвидува различни износи во зависност од сезоната и дестинацијата.
Најскапо ќе биде на најпознатите грчки острови – Миконос и Санторини, каде што од 1 јуни до 30 септември, таксата ќе изнесува 20 евра по патник. За останатите грчки пристаништа, таксата во истиот период е пет евра.
Во останатите месеци, износите се намалуваат:
Од април до мај и во октомври: 12 евра за Миконос и Санторини, три евра за другите дестинации. Од ноември до крајот на март: четири евра за Миконос и Санторини и едно евро за останатите пристаништа.
Грчките власти проценуваат дека оваа мерка ќе донесе околу 50 милиони евра годишно во буџетот, средства што ќе бидат распределени до општините, како и до Министерствата за поморство и туризам. Целта е вложување во унапредување на туристичката инфраструктура и одржлив развој на пристанишниот туризам.
Оваа нова такса се воведува во контекст на растечкиот број туристи што пристигнуваат со крузери, особено на пренатрупаните острови каде инфраструктурата е под сè поголем притисок.






