Путин: Русија може да го загуби суверенитетот ако се потпира само на извозот на енергенси
Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Русија ризикува да ја загуби својата конкурентност – а со тоа и дел од својот суверенитет – доколку продолжи да се потпира исклучиво на извозот на нафта и гас, без да инвестира во развој на сопствените индустрии, особено автомобилската.
„Ако сè купуваме со приходите од нафта и гас, а сега се прават обиди тие извори да ни се пресечат, тогаш ја губиме конкурентноста, а со тоа и суверенитетот. Затоа не се согласив со предлозите сè да увезуваме од странство, туку инсистирав на развој на нашата автомобилска индустрија“, изјави Путин во интервју со новинарот Павел Зарубин, пренесува ТАСС.
Според него, дел од владините кругови веруваат дека Русија треба да се откаже од автомобилското производство поради „значителното заостанување“ и фокусот на потрошувачите кон квалитетни и евтини возила. Сепак, Путин смета дека задржувањето технолошка независност е клучна стратешка цел.
„Ако не можеме да бидеме технолошки лидери, барем треба да обезбедиме технолошка самостојност“, додаде тој.
Во контекст на овие изјави, податоците од Министерството за финансии покажуваат континуирано намалување на приходите од енергенси. Во првиот квартал од 2025 година, приходите од нафта и гас изнесувале околу 26 милијарди евра – што претставува пад од 9,8 отсто во однос на истиот период во 2024 година. Министерот Антон Силуанов претходно соопшти дека делот на приходите од нафта и гас во федералниот буџет паднал на само една четвртина.






