Падна дипломат и запленети над 200 килограми кокаин на границата меѓу Бугарија и Турција
На бугарско-турската копнена граница е извршена рекордна заплена на кокаин – околу 206 килограми со проценета вредност од 20 милиони евра, што претставува најголемата заплена на дрога на оваа гранична линија досега. Во полициската акција се уапсени три лица, меѓу кои и дипломат од Демократската Република Конго, акредитиран во Белгија.
Наркотиците биле откриени во пет куфери, сокриени во комбе со белгиски регистарски таблички. Возилото го управувал 43-годишен бугарски државјанин, а заедно со него се приведени и 54-годишен белгиски државјанин, како и 40-годишниот дипломат.
Окружниот обвинител Иван Стојанов информираше дека осомничените се соочуваат со обвиненија за недозволена трговија со дрога, за што според бугарските закони може да добијат казна затвор до 20 години.
Случајот се смета за голем удар против прекуграничниот организиран криминал и е дел од засилените активности на бугарските безбедносни и истражни служби во борбата против шверцот на наркотични супстанции.







