Атина, 20 јули 2025 – Грција се подготвува за уште еден екстремен топлотен бран кој, според најавите на државната метеоролошка служба (EMY), ќе трае речиси цела седмица и ќе донесе температури до 43°C.
Топлотниот бран започнува од понеделник, а врвот на жештината се очекува во вторник, кога во внатрешноста на земјата температурите ќе достигнат до 41°C, во Атина до 40°C, а во Солун до 38°C. Според EMY, олеснување може да се очекува дури во сабота.
Ова е трет топлотен бран што ја погодува земјата ова лето, по екстремните горештини во јуни и почетокот на јули. Тогаш, поради опасноста од топлотен удар и зголемен ризик од пожари, властите беа принудени да го ограничат работното време на Акропол, еден од најпосетуваните споменици во државата.
Граѓаните и туристите се повикуваат да бидат претпазливи, да избегнуваат изложеност на сонце во најтоплите делови од денот, да внесуваат доволно течности и да следат препораките на надлежните служби.







