Вчера наутро, во два одделни инциденти во Скопје беа нападнати полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Нападите се случиле на Средно Водно и на улицата Ордан Поп Јорданов, а во еден од случаите полицаец завршил во болница.
Како што информираше Министерството за внатрешни работи, првиот напад се случил околу 02:10 часот на паркингот на Средно Водно, кога полициски службеник од интервентната единица се обидел да легитимира машко лице. Лицето, наместо да соработува, почнало да го навредува полицаецот, а потоа со двете раце го удрило во пределот на градниот кош. Повредениот полициски службеник е пренесен во ГОБ „8-ми Септември“, каде му била укажана лекарска помош поради болки во градите.
Вториот инцидент се случил околу 01:15 часот на улицата Ордан Поп Јорданов. Полицајци се обиделе да запрат возило „пежо“ со скопски таблички на улицата Благоја Стефковски, но возачот не застанал, по што следела кратка потера. Возилото било конечно запрено на улицата Ордан Поп Јорданов, а при проверката било утврдено дека возач е 32-годишниот Ф.Ј. од село Петровец, заедно со уште три сопатници. Констатирани се неколку прекршоци и изречени платни налози.
Инцидентот не завршил тука — откако полицајците се повлекле во службеното возило, едно од лицата од „пежото“ со тврд предмет го искршило задното стакло на полициското возило и потоа избегало од местото на настанот.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на двата случаи и идентификација на напаѓачот од вториот инцидент.






