Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, остро реагираше по повод усвојувањето на 18-тиот пакет санкции од Европската Унија против Русија, повикувајќи на целосно дистанцирање од ЕУ и од, како што ги нарече, „најконтроверзните земји“ во неа.
„Треба да инсистираме на максимално дистанцирање од Европската Унија и најконтроверзните земји од ЕУ“, напиша Медведев на својот Телеграм канал, притоа издвојувајќи ги Полска, Велика Британија, но и Германија и Франција, за кои рече дека „ги прогонува славата на Третиот рајх и режимот на Виши“.
Медведев остро ги нападна европските лидери, обвинувајќи ги за, како што рече, „одвратна русофобија“, и повика Русија да не ја заборави оваа позиција на ЕУ.
„Мораме да се сеќаваме на нивната подла русофобија што е можно подолго и да научиме да ги мразиме во иста мера како што ги мразеле нашите предци. Омразата е најважното оружје што овозможува најефикасно движење кон нејзината спротивност – љубовта. Секако, кога станува збор за оние кои ја заслужуваат“, изјави Медведев.
Во својот став тој повторно ја потенцираше решеноста на Русија да продолжи со воените операции во Украина, најавувајќи интензивирање на нападите врз цели на украинска територија, вклучувајќи го и главниот град Киев.
„Нападите врз објекти на таканаречената Украина, вклучувајќи го и Киев, ќе бидат извршени со уште поголем интензитет“, нагласи Медведев, додавајќи дека новиот пакет санкции на ЕУ нема да има ефект врз, како што го нарече, „падот на режимот во Киев“.







