На повидок нова соработка: Украина и САД подготвуваат „мега-договор“ за дронови
Украинската премиерка Јулија Свириденко изјави дека Киев планира да потпише стратешки договор со САД за производство и набавка на дронови, со потенцијална американска инвестиција во проширување на украинската воена индустрија.
– Во тек се разговори за потпишување „договор за дронови“ со САД. Разгледуваме американски инвестиции за зголемување на украинското производство на дронови – изјави Свириденко, пренесува „Танјуг“.
Таа објасни дека договорот се однесува на набавка на голема серија украински дронови, а иницијативата, според неа, веќе добила политичка поддршка од претседателите Володимир Зеленски и Доналд Трамп. Деталите се веќе предмет на разговори меѓу официјалните претставници на двете страни.
Претходно, украинскиот претседател Зеленски изјави дека тој и неговиот американски колега разгледуваат можност за т.н. „мега-договор“, според кој САД би купиле украински борбени дронови тестирани во реални услови на фронтот, додека Киев би се обврзал на набавка на одредено американско оружје.






