Руската мисија при Европската Унија остро реагираше на најновиот, 18. пакет санкции кој го воведе Брисел против Москва, оценувајќи дека мерките се „осудени на неуспех“ и ќе предизвикаат дополнителна економска штета – не за Русија, туку за самиот европски блок.
„Зборот наметнати во овој контекст не е фигуративен – членките на ЕУ свесно нанесуваат штета врз себе во обид да ја ослабат руската економија“, се наведува во соопштението на руската мисија, што го пренесува агенцијата ТАСС.
Според новите мерки, забранет е увоз на деривати од руска нафта – освен ако не се произведени во САД, Велика Британија или Канада. Дополнително, се воведуваат ограничувања за гасоводите „Северен тек“ и „Северен тек 2“, како и финансиски санкции за нови 22 руски банки.
Москва предупредува дека овие чекори ќе придонесат за натамошен раст на цените на енергенсите во ЕУ и ќе ја поткопаат конкурентноста на европската индустрија. Освен тоа, од мисијата алармираат за влошување на економските прилики во самата Унија, вклучително и за ризикот од финансиски колапс на Франција.
ЕУ, во рамките на истиот пакет, ја намали и горната цена за руска сурова нафта – од 60 на 47,60 долари по барел, и на „црната листа“ стави 105 танкери што транспортираат руски енергенси.






