Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со убедливо мнозинство го одби амандманот со кој требаше да се отстрани одредбата за доделување 500 милиони долари на Израел за развој на ракетни системи. Законот за буџетски издвојувања за одбраната беше усвоен заедно со оваа финансиска поддршка, а само шестмина конгресмени гласаа за предложениот амандман.
Амандманот го поднесе републиканската конгресменка Марџори Тејлор Грин, која образложи дека САД веќе испраќаат милијарди долари на Израел, посочувајќи и на последните воени дејствија во Газа.
„Израел ја бомбардираше Католичката црква во Газа, а целото население се брише додека нивната агресивна војна продолжува“, изјави Грин, позната поддржувачка на претседателот Доналд Трамп и неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“.
Таа нагласи дека годишните 3,5 милијарди долари што САД ги испраќаат на Израел се „огромна сума“, а потсети и дека безбедносниот пакет од април 2024 година содржеше дополнителни 8,7 милијарди долари во поддршка на Израел. Притоа посочи дека Израел обезбедува универзално здравствено осигурување и субвенционирано високо образование за своите граѓани, додека САД се соочуваат со јавен долг од над 37 билиони долари.
„Овој амандман ќе обезбеди Министерство за одбрана кое ја става Америка на прво место — токму она што ни е потребно“, истакна конгресменката.
Ова не е првпат Грин да ја критикува американската финансиска и политичка поддршка за Израел. Во едно претходно интервју со контроверзниот новинар Тaкер Карлсон, таа изрази изненаденост од своите колеги кои, како што рече, „го ставаат Израел на прво место“.
„Некои од нив биле дел од израелската армија и се гордеат со тоа. Тие имаат лојалност кон друга држава. Сето тоа станува очигледно — во нивните објави на социјалните мрежи, во изјавите што ги даваат. Мораат да изразат поддршка за Израел. Мораат да покажат вера и лојалност“, рече тогаш Грин.
Предлог-амандманот беше поразен со големо мнозинство, што уште еднаш ја потврдува длабоко вкоренетата поддршка за Израел во американскиот Конгрес, и покрај се погласните критики во јавноста.







