65-годишна жена од Скопје пријавила во полиција дека била измамена од лице со кое комуницирала преку социјална мрежа, договарајќи наводен брак. Случајот бил пријавен во СВР Скопје на 16 јули 2025 година во 09:00 часот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата, измамникот ѝ побарал пари за да се сретнат во Охрид, а жената во три наврати му испратила вкупно 6.700 евра преку брз трансфер на пари. Дополнително, таа подигнала и кредит од 3.000 евра од банка, верувајќи дека средствата ќе се искористат за заедничка средба и иднина.
По неуспешниот обид за средба, скопјанката сфатила дека станува збор за измама и го пријавила случајот во полиција. МВР информира дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителот.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат претпазливи при виртуелни комуникации со непознати лица, особено кога станува збор за барање на пари и лични податоци.







