Неочекувани симптоми на срцев удар: Како да ја препознаете опасноста дури и еден месец однапред
Срцевиот удар е итна медицинска состојба што најчесто настанува како последица на нагло прекинување на дотокот на крв до срцевиот мускул. Иако ударот делува ненадејно, телото често испраќа сигнали кои можат да се појават дури и еден месец пред да се случи настанот.
Најчестата причина за срцев удар е коронарната срцева болест – состојба при која клучните крвни садови на срцето се затнуваат со масни наслаги, најчесто холестерол. Кога еден од овие наслаги (плак) ќе пукне, се создава тромб што ја блокира артеријата, предизвикувајќи инфаркт.
Факторите на ризик се добро познати: пушење, исхрана богата со масти, дијабетес, висок крвен притисок, висок холестерол и прекумерна телесна тежина. Но, она што често се занемарува се предупредувачките симптоми што може да се појават многу порано од самиот настан.
Според британскиот Национален здравствен сервис (NHS), класичните симптоми на срцев удар вклучуваат:
Болка во градите
Болка што се шири кон рацете (најчесто левата), вилицата, вратот, грбот или стомакот
Вртоглавица
Прекумерно потење
Краток здив
Мачнина или чувство на вознемиреност
Кај жените, симптомите еден месец пред срцевиот удар може да бидат суптилни и невообичаени:
Необична и постојана замореност
Нарушен сон
Недостаток на воздух
Болка во вратот или вилицата (без класична болка во градите)
Притисок во горниот дел на грбот
Трнење или непријатност во едната или двете раце
Мачнина или повраќање
Кај мажите, пак, дополнителен знак може да биде ненадејно појавување на студена пот.
Важно е да се истакне дека овие симптоми не се исклучиво поврзани со срцеви заболувања и може да укажуваат и на други здравствени состојби. Сепак, доколку се појават, неопходно е да се побара лекарска помош и детална дијагностика.
Превенцијата останува најсилното оружје против срцевиот удар: здрав начин на живот, редовна физичка активност и навремена контрола на крвниот притисок, шеќерот и холестеролот можат да направат голема разлика.







