Американскиот претседател Доналд Трамп преку објава на неговата платформа Truth Social откри дека е во тек преговарачки процес со компанијата „Кока-Кола“, со цел замена на актуелниот засладувач – сируп од пченка – со шеќер од трска во нивните производи што се продаваат на американскиот пазар.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите во менаџментот на Кока-Кола. Ова ќе биде многу добар потег од нивна страна, ќе видите. Само ќе биде подобро“, напиша Трамп.
Од компанијата „Кока-Кола“ негираа директна потврда за каква било промена, но признаа дека „доаѓаат иновации“ и најавија повеќе информации во периодот што следува.
Во САД веќе се продава варијанта на овој пијалок со шеќер од трска, популарно позната како „мексиканска Кока-Кола“, додека поголемиот дел од останатите производи се засладени со сируп од пченка, кој е поевтин поради владини субвенции за пченкарното производство.
Иако омилен пијалок на Трамп е Диет Кока-Кола, засладена со аспартам, неговата администрација – преку иницијативата „Направете ја Америка повторно здрава“ предводена од секретарот за здравство Роберт Ф. Кенеди помладиот – го врши притисокот врз прехранбената индустрија да ги исфрли вештачките состојки, бои и конзерванси од формулите на своите производи.
Неколку големи компании, како „ПепсиКо“, „Нестле“ и „Џенерал Милс“, веќе најавија дека до крајот на годината ќе преминат на производи без вештачки состојки, следејќи ја оваа федерална здравствена агенда.







