Институтот за германска економија (DIW) предложи воведување на солидарен данок на повисоките пензии како мерка за стабилизирање на пензискиот систем и за намалување на економскиот товар врз помладите генерации. Предлогот предизвика сериозни реакции во јавноста и кај политичките партии, објави магазинот „Штерн“.
„Наметнувањето на придонес на високи пензии треба да придонесе за поголема солидарност во рамките на пензионерската заедница“, се наведува во соопштението на DIW, при презентирањето на новата студија во Берлин.
Според DIW, оваа мерка би можела да помогне во ублажување на очекуваните притисоци врз пензискиот систем кога последната генерација на „бумери“, родена во раните 1960-ти, ќе влезе во пензија.
„Не е фер целиот товар да се префрли на помладите кои сè уште работат“, изјави економистот Питер Хан од DIW.
DIW предлага новиот придонес да се заснова не само на износот на пензијата, туку и на другите извори на приходи – како изнајмување недвижен имот или приватни пензиски фондови. Приходите од оваа мерка би се искористиле за финансиско јакнење на пензионерите со пониски примања, со што механизмот на солидарност би бил внатре во самата генерација пензионери. Според проценките, приходите на посиромашните пензионери би можеле да се зголемат и до 10 проценти.
Иако неколку економски институти го поддржаа предлогот, тие предупредија на техничките потешкотии околу точното утврдување на вкупната финансиска состојба на пензионерските домаќинства.
Од политичка страна, предлогот наиде на остра реакција. Христијанско-демократската унија (CDU/CSU) го оцени како неправеден.
„На некој кој, покрај својата пензија, инвестирал во недвижности или акции и приватно обезбедил пензиска сигурност, не можете преку ноќ да му земете десет проценти“, изјави Гита Конеман од CDU, задолжена за средни претпријатија.
Расправата за иднината на германскиот пензиски систем станува сè поинтензивна, особено во контекст на демографските промени и растечките трошоци за одржување на социјалната држава.







