Руски транспортен хеликоптер Ми-8 со пет лица исчезна денеска за време на лет од Охотск кон Магадан, на рускиот Далечен Исток, пренесе проруското издание „Комерсант“ повикувајќи се на податоци од Федералната агенција за воздушен сообраќај на Русија – Росавијација.
Во хеликоптерот се наоѓале три члена на екипажот и двајца техничари. Според државната новинска агенција ТАСС, екипажот не воспоставил комуникација во договореното време, по што е прогласено исчезнување.
Веднаш е покрената акција за пребарување, при што друг хеликоптер Ми-8 полетал од Охотск, а авион Ан-26 тргнал од Магадан за да учествува во операцијата за пребарување.
Ми-8 е повеќенаменски хеликоптер со советски дизајн кој долго време се користи во руската армија и цивилни служби, како за транспорт, така и за борбени и командни мисии. Иако има долга историја на употреба, овој модел бил инволвиран во повеќе инциденти, вклучително и за време на војната во Украина.
На 23 мај годинава, ТАСС извести дека друг хеликоптер Ми-8 се урнал кај селото Наришкино во Орловската област, при што загинала целата посада.
Рускиот воздухопловен сектор се соочува со сериозни проблеми поради западните санкции, кои доведоа до недостиг од резервни делови и отежнато одржување на леталата.






