По најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе 100% царини за Русија доколку во рок од 50 дена не биде постигнат мировен договор со Украина, одговор пристигна од Москва – директно од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
Во кратка, но остра реакција објавена на социјалните мрежи, Медведев ги нарече заканите на Трамп „театрални“.
„Трамп му постави театрален ултиматум на Кремљ. Светот се стресе, очекувајќи последици. Воената Европа е разочарана. А Русија – не се грижи“, напиша Медведев.
Реакција од Вашингтон
Своја изјава даде и постојаниот претставник на САД при НАТО, Метју Витакер, кој во интервју за Fox News изјави дека се очекува реакција од рускиот претседател Владимир Путин.
„Јасно е дека Путин ќе одговори – не само на фактот дека американското оружје сега полесно пристигнува до Украинците на сметка на Европа, туку и на воведените царини за Кина, Индија и други земји кои купуваат руска нафта“, изјави Витакер.
Трамповиот ултиматум
Претходно, Трамп јавно порача дека ќе воведе „многу строги царини“ доколку Москва не прифати мировен договор со Киев во наредните 50 дена.
„Ќе воведеме царини од околу 100%. Знаете што значи тоа“, изјави американскиот претседател, додавајќи дека денес се фокусира на други теми.
Во својата порака, тој повторно ја осуди војната и рече дека „убивањето во Киев мора да престане“. Според него, економскиот притисок врз Русија ќе биде силен и директен, доколку не дојде до брз напредок во преговорите.







