Американскиот претседател Доналд Трамп сериозно размислувал за можноста Украина да добие крстосувачки ракети од типот „Томахавк“, што би ѝ овозможило да изведува напади и врз цели длабоко во Русија, вклучително и Москва и Санкт Петербург, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на извори од Белата куќа.
Овие ракети беа користени од САД при неодамнешниот напад врз ирански цели, а нивната прецизност и дострел ги прават едни од најмоќните офанзивни средства во американскиот арсенал. Засега, „Томахавк“ не се наоѓаат на официјалната листа на оружје што треба да ѝ биде испорачано на Украина, но идејата сѐ уште е во игра.
Извор близок до администрацијата изјавил дека Трамп е решен да го засили притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин, со цел да го натера на преговори и прекин на огнот. Во неодамнешен телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Трамп го прашал: „Зошто сè уште не ја гаѓате Москва?“, на што Зеленски одговорил: „Можеме, ако ни дадете оружје.“ Трамп реплицирал: „Мора да извршите поголем притисок, не само врз Москва, туку и врз Санкт Петербург.“
Според најавите, новиот пакет воена помош од САД ќе вклучува ракетни системи „Патриот“, артилерија и противвоздушна одбрана. Наместо директна испорака на Украина, вооружувањето ќе биде продадено на членки на НАТО, кои потоа ќе го пренесат на Киев. Пакетот е вреден околу 10 милијарди долари.
Покрај досегашната дозвола за користење на ракети со долг дострел од типот „АТАЦМС“, во Вашингтон се разгледува и варијантата за испорака на „Томахавк“. Тие, доколку се лансираат од украинска територија, имаат потенцијал да погодат цели длабоко во Русија.
Сепак, Трамп одби да каже колку е спремен да оди доколку Русија ги засили нападите. „Не ме прашувајте такво нешто. Јас само сакам оваа војна да заврши“, изјави тој.







