Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски и оваа година ја продолжуваат традицијата на поддршка за најмладите ученици. Сите 430 првачиња кои од септември ќе тргнат во училиште ќе добијат бесплатни училишни ранци и прибор, информираа денеска од Општината.
Во просториите на кабинетот на градоначалникот, дечињата од градинката „Росица“ денеска имаа можност лично да ги одберат своите нови ранци, со што симболично беше означен почетокот на оваа годишна иницијатива.
Дополнително, како дел од заложбите за промоција на здрави животни навики, општината ќе обезбеди бесплатна ужинка за секое дете од прво одделение во текот на целата учебна година.
„Грижата за децата е наша најголема обврска. Со овие проекти обезбедуваме еднаков старт за сите ученици, создавајќи сигурна основа за нивниот понатамошен развој“, изјави градоначалникот Стојкоски.
Иницијативите се дел од пошироките активности на општината насочени кон унапредување на образованието, социјалната еднаквост и здравјето на децата.






