Зеленски: Имав одличен разговор со Трамп, се договоривме за почеста координација
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека имал „многу добар“ разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, откако тој најави испорака на ново оружје за Украина. Според Зеленски, двајцата се согласиле дека е неопходно почесто да комуницираат и да ги координираат своите идни чекори.
„Разговорот беше исклучително позитивен. Му се заблагодарив на Трамп за неговата подготвеност да ја поддржи Украина и за желбата за понатамошна соработка со цел запирање на крвопролевањето и воспоставување траен и праведен мир“, напиша Зеленски на својот канал на Телеграм.
Претходно, Доналд Трамп изјави дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин и дека е „многу незадоволен“ од постапките на Русија. Истакна дека сака војната во Украина што побргу да заврши.
„Ќе произведуваме најсовремено оружје кое ќе биде испратено во НАТО“, изјави Трамп, прецизирајќи дека сојузниците од Алијансата ќе ги покријат трошоците. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја потврди неговата изјава и ја оцени како „целосно разумна“, пренесуваат меѓународни медиуми.






