Центарот за управување со кризи (ЦУК) утринава објави извештај за состојбата со пожарите на отворен простор, заклучно со 07:00 часот на 14 јули 2025 година.
Според податоците, во моментов се активни пет пожари, додека 19 се целосно изгаснати, а нема пожари под контрола.
Активни пожари се пријавени на следните локации:
Општина Дојран, село Николич – гори нискостеблеста шума.
Општина Чучер Сандево, село Горњани – исто така зафатена нискостеблеста шума.
Општина Велес, во близина на селата Џидимирци и Крушје – зафатена мешана шума.
Општина Македонски Брод, меѓу селата Црешнево, Локвица, Крапа и Слатина – опожарена дабова шума, грмушки и ниска вегетација.
Општина Прилеп, населба Три Багреми – гори ниска вегетација.
ЦУК апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни, да не палат оган на отворено и веднаш да пријават било каков сомнителен чад или оган.
Службите се постојано на терен и се преземаат мерки за локализирање и гаснење на пожарите.






